ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница и меѓународните претставници во Македонија да ги осудат изјавите на пратениците на СДСМ за фаворизирање на партиската припадност и будно да ја следат ситуацијата во земјата водена од владата на СДСМ, оти не смее да се дозволи земјата да стане пандан на комунистичка Северна Кореја.
Државата мора да се темели на демократските принципи и начела и за тоа не смее да има компромис, велат од партијата која ја има најголемата пратеничка група во парламентот.
Изминаа две седмици откако јавноста ја виде снимката на коајшто јасно се говори дека на црно се истурени 80.000 евра за да се финасира кампањата на пратеникот на СДС од Шуто Оризари, Курто Дудуш, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се додава дека е „многу јасно“ оти премиерот Зоран Заев бараше смена на Јавиот обвинител, за да можат „криминалците од неговата партија“ да минуваат неказнето за нивните криминали.
Зоран Заев бараше смена на Републичкиот Јавен обвинител за да спречи истрага за нелегалното финансирање на кампањата на СДС, за граѓаните да не дознаат со колку црни пари на терен се покривала кампањата на СДС, како што е случајот со Шуто Оризари. СДС на криминален начин ја спроведе својата кампања и на криминален начин продолжува да владее и делува, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваат притоа на изјавите на социјалдемократскиот пратеник Курто Дудуш кој во споменатата снимка јавно им ветува на граѓаните дека доколку поседуваат членска книшка од СДСМ ќе уживаат разни привилегии, од одење на лекар до неказнување за прекршоци.
Со тоа СДС ја партизира државата до најмалата пора и креира систем каде што партиската книшка ќе одлучува за судбината на граѓаните. Криминалот и партизираната држава не смеат да бидат одлика на Република Македонија. Нашата држава е демократска и не смее никој да ја враќа во 1990-те и да го промовира криминалното и силеџиско владеење од времето на транзицијата, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.