ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ниту гласаа за Платформа од друга држава, ниту за формирање Тиранска Влада во Македонија

„Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956“. Ова е точка од Платформата преку која СДСМ сака да ги осуди борците од АСНОМ и Партизаните за нивната борба за слободна држава, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните не се должни да ги трпат штетите кои ги нанесува Зоран Заев и СДСМ. Граѓаните на изборите ниту гласаа за Платформа од друга држава, ниту гласаа за формирање Тиранска Влада во Република Македонија. Граѓаните гласаа за проекти и економски просперитет.

Зоран Заев и СДСМ се уценети заради нивните криминалии да прифатат се што ќе им биде сервирано за да си ја спасат кожата, притоа заобиколувајќи ја волјата на граѓаните.

Новата Тиранска Влада на чело со уценетите Заев и СДСМ ќе има единствено улога против волјата на граѓаните да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и неговото кирилско писмо. Тие немаат проблем ниту да ги променат името на државата, химната, знамето, банкнотите, униформите, написите.

Доколку Зоран Заев и СДСМ сметаат дека Платформата од Тирана е добра за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува СДСМ да се согласат да се распишат парламентарни избори и да им ја понудат на граѓаните на Република Македонија да ја изгласаат.

ВМРО-ДПМНЕ чувствува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата „За подобра Македонија“. Заради почитта кон нив и нашата стратешка определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси.