ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери на голем протест в сабота

ВМРО-ДПМНЕ во сабота со почеток во 20 часот организира голем општонароден протест пред македонската Влада, со кој сака да порача дека време е за промени.

Од партијата ги повикуваат сите граѓани кои се незадоволни од досегашното владеење на СДСМ и ДУИ.

-Почетокот на крајот вели дека тргнуваме за рушење на владата која е именител на сите наши колективни порази и неуспеси. Стануваме на нозе, еден до друг, заедно, против владата затоа што премногу е! Протестот е за промени. Заедно, здружено, одлучно, за нашата Македонија, повика претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

Од партијата ги објавија зборните места и рутата до Влада за големиот протест во сабота.

Под мотото „Премногу е“, партијата ВМРО-ДПМНЕ во сабота организира голем протест пред Владата со почеток во 20 часот.

-ВМРО-ДПМНЕ ве повикува на голем општонароден протест за промени. Заедно да го искажеме незадоволството од неспособноста на власта, незадоволството од широкораспространета корупција спонзорирана од власта, незадоволството од тоа како живеееме наспроти аздисаноста на власта, незадоволството од се’ помалите плати наспроти се’ поголемите цени, незадоволството од неостварениот сон за приклучување кон Европската Унија, незадоволството од недостапната правда, здравствената заштита и општата сигурност, се вели во повикот на партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера информираше дека одржал состанок со претседателите на партиите дел од Коалицијата за Обнова на Македонија.

– На состанокот претседателите на сите партии беа едногласни дека со секој поминат ден со СДСМ и ДУИ на чело на владата народот живее се полошо, криминалот е секојдневие, а сиромаштијата се повеќе ни се заканува. Премногу е од оваа власта, е генералниот заклучок од средбата, констатација која што велат не е само нивен став, туку и на стотици илјади граѓани низ државата, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека претседателите на политичките партии дел од Коалицијата за Обнова на Македонија дадоа поддршка за протестот во сабота на 18-ти јуни, и сите политички партии учествуваат во негова подготовка и се поголема масовност на истиот.