Министерот за здравство Венко Филипче ја повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во работата на телата за нов клинички центар. Од ВМРО-ДПМНЕ пак му одговорија „доцните министре, многу доцните!“.
Прв се јави Филипче на својот Фејсбук профил, по што следеше реакција со објаснувања од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
– Министре, па вие после три години се одлучивте да разговарате со нас, можеби и да дебатирате?! Па, дури сега се сетивте, нов клинички бил голем проект?! Честитки министре! Испраќате покана до ВМРО-ДПМНЕ да учествува во тела вклучени во проектот нов клинички центар. Да прашаме министре, кои се тие тела? Да учествуваме во телото Заев-Дончев-Филипче, за тоа ли тело зборувате? Телото или триото што самото одлучи без никаква анализа да го сопре проектот Клинички центар Мајка Тереза?, го прашуватаат Филипче од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Комисијата ова трио, како што велат, води штетни политики во здравството.
-Триото што одлучи дека треба да се врати развојниот проект од ЕУ банка, за да користи комерцијален кредит? Триото што одлучи дека граѓаните треба да се лекуваат следните 10 години во руинирани згради на Кампусот Мајка Тереза? Влезете министре во зградата на Интерни клиники. Таму 3 години се одлепени сите плочки од ходниците. Во зградата на Хирургија веќе 4 недели не работат ниту лифтовите што треба да ги однесат пациентите во операциска сала. Зборувате ли за триото Заев-Дончев-Филипче што лажеше дека развива проект на јавно приватно партнерство, а без да потпише никаков договор со приватниот партнер. И да, нанесе само штета на јавните здравствени установи. Зборувате ли за триото кое заедно со најнеспособниот градоначалник Шилегов ги остави граѓаните да не можат да паркираат кога одат во Камупсот Мајка Тереза?, реагираат од Комисјата за здравство.
Од Комисијата велат дека предлогот на Филипче е „после свадба тапани“.
Оттаму посочуваат дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе се изгради клинички центар кој ќе биде поефикасен, кој нема да биде заснован на паушална вредност од 500 милиони евра, односно „пљачка на граѓаните, туку клинички центар со кој граѓаните нема да се задолжат толку лесно“.
Филипче пак во својот пост повика вклучување на ВМРО-ДПМНЕ во работата на телата кои ќе го спроведуваат проектот.
-Да бидеме конструктивни за доброто на државата. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат и да ја следат работата на сите тела вклучени во проектот за изградба на нов клинички центар во Скопје. Ова е единствен начин ваков голем проект да успее за доброто на граѓаните на државата. Заедно да бидеме дел од еден успешен проект. Транспарентно, заеднички да покажеме дека интерес ни се граѓаните, а не собирање на политички поени. Отворени сме за соработка, ве очекуваме да бидете дел од работните групи, напиша Филипче.