ВМРО-ДПМНЕ има поголема поддршка од граѓаните отколку владејачката СДСМ, правосудството не доби „преодна“

Една петтина од граѓаните ќе ѝ дадат поддршка на опозицијата доколку идната недела се одржат предвремени парламентарни избори, покажува најновата анкета која за потребите на емисијата Детектор на Сител ТВ ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, на идните предвремени парламентарни избори 21,1 отсто од граѓаните ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а поддршка за владејачката СДСМ ќе дадат 18,1 отсто од анкетираните граѓани. Меѓутоа, кај определените гласачи односно тие што би излегле да гласаат разликата изнесува 6 отсто во полза на ВМРО-ДПМНЕ.

Во албанскиот политички блок најголема поддршка ужива ДУИ. Според анкетата на ИПИС, за „интегративците“ ќе гласаат 4,5 проценти. Според рејтингот, следна е партијата на Зијадин Села. За Алијанса за Албанците поддршка дале 2,8 отсто од анкетираните граѓани. Алтернатива на Африм Гаши има поддршка од 0,8, додека за БЕСА на Билал Касами се изјасниле дека ќе гласаат 0,7 отсто од анкетираните граѓани.

Дека нема да гласаат за ниту една партија се изјасниле 26,1 отсто, а 14,7 проценти не сакаат да кажат за кого ќе го дадат својот глас, додека 9,7 отсто велат дека сѐ уште не се одлучиле.

Повеќе од половина граѓани или 50,9 отсто велат дека ќе излезат на гласање доколку следната недела се организираат предвремени парламентарни избори, 24,7 отсто се изјасниле дека ќе апстинираат додека 24,3 проценти сѐ уште немаат донесено одлука.

Меѓу политичарите најголема доверба има премиерот Зоран Заев. Во него најмногу веруваат 14,5 од анкетираните граѓани. Следен е опозицискиот лидер Мицкоски во кого доверба имаат 12,1 отсто од анкетираните.

Рејтингот на Али Ахмети е 4,4 а на Зијадин Села 3 отсто. Следи Никола Груевски во кого довербата е 2,1 проценти Рејтингот Африм Гаши меѓу гласачите изнесува 0.7, а тука некаде е и Билал Касами за кого се изјасниле 0,6 отсто од анкетираните.

Довербата во Радмила Шеќеринска е 0,2 а во Мендух Тачи 0,1, додека 1,6 од анкетираните се определиле за друг политичар. Дури 44,2 проценти од граѓаните велат дека немаат доверба во ниту еден политичар а без одговор останале 14,2 отсто.

Меѓу институциите најниска доверба има СЈО. На скалата од 1 до 5, средната оценка која на СЈО му ја дале граѓаните изнесува 1,68. Без малку 57% од анкетираните довербата во СЈО ја оцениле со најниска оценка, единица.

Под средна оценка двојка се и судството и јавното обвинителство. Средната оценка на довербата на граѓаните во судството изнесува 1,74 а во Јавното обвинителство 1,81.

Довербата во парламентот е оценета со средна оценка 2,25, во Владата 2,33 а во опозицијата 2,4.

Претседателот и медиумите се единствените институции, дел од оваа анкета кои имаат средна оценка која со училишен речник би можела да се нарече добар 3. Довербата во институцијата Претседател доби оценка 2,63 од граѓаните. На врвот се медиумите кои граѓаните ги оцениле со оценка 2,76.

За 48 отсто од анкетираните граѓани случајот „Рекет“ нема да има влијание врз нивната одлука за кого ќе гласаат. 41,4 отсто од граѓаните пак изјавиле дека при одлуката кому да му ја дадат довербата на следните избори влијание ќе има токму овој случај.

Скоро половина од граѓаните, или 49,7 отсто велат дека врз нивната одлука за кого ќе гласаат нема да влијае ниту епилогот околу датумот за старт на преговорите со Европската унија, додека 37,2 отсто анкетирани рекле дека напредокот на интегративниот процес ќе им влијае кога ќе одлучуваат за кого да гласаат.

Анкетата за потребите на емисијата Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје во периодот од 14 до 17 септември, годинава, врз репрезентативен примерок од 1.109 испитаници со маргина на грешка на примерокот од плус – минус 3 отсто.