За ВМРО ДПМНЕ е прифатлив кој било европски модел на Закон за медиуми кој ќе биде предложен од страна на СДСМ или Питер ван Хауте.
Ова е коментарот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за вчерашната изјава на потпретседателот на СДСМ и член во работната група, Дамјан Манчевски, кој рече дека тие се подготвени да отстапат од своите забелешки во однос на методологиите за прочистување на Избирачкиот список доколку останатите партии ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА го прифатат предлогот за медиумите.
Прочистувањето на Избирачкиот список и реформата врз медиумите се основен предуслов за фер и демократски избори. Ако ова не е прифатливо за ВМРО- ДПМНЕ и останатите учесници во преговорите, тогаш тие не сакаат во Македонија да имаме фер и демократски избори, изјави Манчевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со вчерашната изјава Манчевски признал дека не постоеле никакви посериозни забелешки во однос на методологијата за прочистување на избирачкиот список која што беше предложена од ДИК.
Изјавата и практично e доказ дека СДСМ тенденциозно го блокирале процесот со намера да ги пролонгираат и пробијат роковите и крајна цел да избегаат од избори. Уште поскандалозно е што Манчевски потврди дека СДСМ и натаму ќе се обидува да го покрива стравот од соочување со народот со нови непринципиелни уцени, коментираат од владејачката партија.
ВМРО ДПМНЕ потенцира дека за нив е прифатлив кој било европски модел на Закон за медиуми кој ќе биде предложен од страна на СДСМ или Питер ван Хауте.