ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбележи роденденот со собир во Битола

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашното гостување во Дневникот на „Сител“ ТВ посочи дека роденденот на партијата ќе биде симболично и работно одбележен на 16 и 17 јуни во градот на конзулите, Битола.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со работно лето, ќе имаме два интересни настани кои што следуваат во периодот. Викендот, 16 и 17 јуни, три дена ќе бидеме во Битола. Тогаш симболично и работно ќе одбележиме многу значаен настан за нас, а тоа е роденденот на партијата. Нема простор за славење, сето тоа ќе биде во еден работен амбиент. Ќе ги поканиме нашите поддржувачи и симпатизери ширум Македонија да ни се придружат тој викенд во Битола и јас ќе бидам таму, така што генерално на пократка основа ќе биде Илинденската прослава, истакна Мицкоски.

Претседателот на партијата најави дека ќе има работно лето низ цела Македонија. Тој вели дека треба да се согледаат проблемите на луѓето од негрижата на оваа власт, како и дека мора да излезат со конкретни решенија за проблемите кои ги имаат граѓаните.

Во текот на летото, ширум Македонија ќе се обидам да посетам илјадници домови и да разговарам со луѓето. Стратегијата ќе ја градиме врз основа на можностите и врз основа на она што се вели актуелна политичка ситуација во државата. Она што е важно е да бидеме внимателни и да не бидеме емотивни. Да не водиме политика падни- стани или купи- продај, туку да водиме политика која што на долг рок ќе обезбеди вистинска визија за Македонија. Се обидуваат да ни продадат колективна општествена депресија, мојата порака до граѓаните беше, еве не мора мене да ми верувате, сепак јас сум млад лидер, јас сум човек кој што се обидува да биде само искрен и принципиелен пред македонската јавност, верувајте си на самите себе и верувајте на она што го гледате а не на она што некој се обидува да ве убеди, нагласи Мицкоски.