ВМРО-ДПМНЕ: Кога ДУИ краде најмногу измислува зелената агенда и етнички права

Секогаш кога Али Ахмети сака да ѝ се допадне на меѓународната заедница во неговите средби се откажува од Косово, и ја фали иницијативата на Србија Отворен Балкан каде Косово не се споменува, и измислува зелена агенда, а секогаш кога треба да поминат тендерите и милионите во РЕК и Осломеј на Ахмети и на Ковачевски, Ахмети станува загрижен патриот и зборува за Косово, реагира ВМРО-ДПМНЕ откао лидерот на ДУИ синоќа сподели видео со кое најави нова стратегија.

„Со години постојат напори од различни актери да ѝ нанесат штета на ДУИ, како и да ја користат за оставрување на своите цели во секојдневните партиски политики“, напиша Ахмети синоќа на Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија на Ахмети да не се чуди зошто ДУИ ја обвинуваат за корупција.

„Освен тоа што треба да си провери во орманот за струја, каде има диво приклучен кабел за струја, треба да ги провери и кадрите кои 20 години се извор на криминал и корупција. Зелената агенда на ДУИ и темата со етничките права на заедниците се измислени за ДУИ да се покрие во моментите кога од народот краде најмногу. И колку повеќе ДУИ и СДСМ сложно крадат, толку народот е посиромашен. Од набавката на мазутот на Крешник Бектеши, до милионски тендери за РЕК на Ковачевски кои државата ја оставија без струја, функционерите на ДУИ и СДСМ не смеат да бидат феудалци кои се недопрени од закон, кои се богатат на грбот на сите граѓани на Македонија“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.