По Драги Рашковски, најдобриот другар на Зоран Заев, и кумашинот на поранешниот премиер Мухамед Зекири е фатен во криминал. Заедничкото за овие двајца, освен што се луѓе од доверба на Заев, е што беа и генерални секретари на владите на заевизмот. Веројатно шемата е иста, преку матни зделки милиони народни пари да се одлеваат во приватни џебови. Еден Рашковски заменет со друг Зекири и двајцата фатени во апашлук, реагираат во саботата од опозициската ВРМО-ДПМНЕ.
На Зекири доцна вечерта во петокот му беше одреден притвор. Тој се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, на штета на Буџетот на Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.
„Ако Рашковски правел криминогени далавери со софтвер кој сам себеси го продаваше со народни пари, сега во случајот со Зекири е правена студија за продажба на Македонска пошта во износ од близу милион евра, без да има тендер. Додека Македонска пошта има нередовни плати, Зекири направил милионска зделка и ја доделил на негови партнери од Хрватска, а за возврат добиваат “семинарски труд““, коментираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партива велат и дека како и Рашковски, така и Зекири ваквите дејанија не ги правеле на своја рака, туку дека зад тоа се крие „ликот кој е капо ди тути капи на мафијата“, алудирајќи на поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
„Ете затоа народот осиромашува, а елитата на власт од СДСМ и ДУИ продуцира милионери од обични голтари. Следниот пат кога владата на СДСМ и ДУИ ќе убедуваат дека нема пари за поголеми плати на наставниците и дека тоа ќе предизвика инфлација, нека одговорат како милиони евра завршуваат на софтвери, студии, матни зделки и набавки“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.