ВМРО-ДПМНЕ: Лага е дека реконструкцијата на болницата во Струмица не е реалност

Груба лага е дека реконструкцијата на болницата во Струмица не е реалност, рече Зоран Пакетов, претседател на општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Струмица.

„СДСМ сее магла и манипулира со јавноста. Вчера излегоа и кажаа уште една лага дека реконструкцијата на болницата во Општина Струмица не е реалност. Ова повторуваме е груба лага. Веќе е распишан тендер за доградба на карабината во струмичката болница која СДСМ во сите свои мандати не стави ниту една шајка. Значи имаме документ кој кажува дека процесот за изградба на карабината е отпочнат“, рече тој.

Владата, како што рече тој, предводена на ВМРО-ДПМНЕ она што го ветила за разлика од сите лажни ветувања на Зоран Заев, ќе го исполни и цврсто стои до својот збор.

„СДСМ треба да се срами поради дезинформациите кои ги пушта. Еве ги фактите: Министерството за здравство распиша тендер за реконструкција на постојната зграда, во која што ќе се смести ургентен центар, гинекологија, оперативен блок и останати одделенија. За месец ипол ќе биде готов основниот проект. А за три месеци ќе се отпочне со градба. Вкупна вредност на инвестицијата е 135 милиони денари. Факт број два е дека станува збор за објект од 6.000 метри квадратни, со приземје и 4 ката. Со ова се добива нова централна болничка зграда, во која ќе се преселат ургентниот центар и поголем дел од болничките одделенија. Факт број 3, објектот кој што ќе се реконструира, 30-тина години воопшто не бил ставен во функција (објектот првично бил почнат во 1987 год. кога биле поставени армирано-бетонски столбови и плочи, додека во 2002 година било стасано до карабина со кровна конструкција, надворешна столарија, фасада..) и од тогаш до денес објектот е недовршен и не се користи. СДСМ една шајка не закова ниту реновираше нешто во болницата“, рече Пакетов.

Со градежниот зафат, рече тој,  комплетно ќе се решат проблемите со несоодветниот простор и ќе се испочитуваат сите современи медицински стандарди за лекување и работа на докторите и медицинскиот персонал.

„Претходно, беше извршено реновирање на две операциони сали и изградба и комплетно опремување на нова-трета операциона сала во Општата болница во Струмица, со што се овозможи побрз проток на пациентите и нормално функционирање на болницата“, рече на крајот тој.

СДСМ, како што рече тој, треба да се извини што при здрава свест го лаже народот.