ВМРО-ДПМНЕ: Македонија со највисока инфлација споредено со земјите од поранешна СФРЈ

Македонија со највисока инфлација споредено со земјите во регионот кои произлегоа со распадот на поранешна СФРЈ, критикуваат во вторникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Инфлацијата ви Македонија изнесува 19,8 отсто, и со тоа највисока во регионот на поранешна СФРЈ, а Словенија има речиси двојно помала инфлација од Македонија, односно само 10 проценти, се споредува во партиската објава.

Потсетуваат дека инфлацијата кај храната и пијалоците е 32,4 отсто во Македонија, а 17,2 отсто во Словенија.

Статистиката покажува дека во Словенија со двојно повисоки плати, и многу посилен животен стандард, растот на цените е помал отколку во Македонија.

„Во Македонија народот ја чувствува најголемата инфлација во регионот. Иста е споредбата и со Србија каде инфлацијата е 14 и Хрватска со инфлација од 12,8 отсто.

Ова покажува дека, пред сѐ, големата инфлација во Македонија е резултат на неспособноста на владата да се справи со шоковите, но и неработата во изминативе пет години“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата посочува дека ударот доаѓа во секторот енергенси, воглавно цената на струјата и храна и пијалоци. Тоа се сектори во кои со квалитетен менаџмент би се спречила големата инфлација.

„Тоа што инфлацијата е најголема во Македонија е доказ за неработата на власта. И наместо со полумерки, ја повикуваме Владата да ги имплементира сите мерки кои ги предложивме, се со цел подобрување на состојбата во економијата и помош за граѓаните“, се заклучува во партиското соопштение.