ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски победи на изборите по освоени мандати на партијата

ВМРО-ДПМНЕ води преговори за формирање влада и сите опции се на маса, тврди Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на партијата.

На денешната прес-конференција на новинарско прашање со кого преговара ВМРО-ДПМНЕ и дали се преговара со сите партии, Ѓорѓиевски рече дека не би откривал детали.

„Ние од самиот почеток сме во фаза на преговори, преговорите се во тек, немаме ништо конкретно што би соопштиле за јавноста. Но, дека има преговори, има и сите опции се на маса“, изјави Ѓорѓиевски, упатувајќи на истиот одговор и на прашањето дали е во игра широка коалиција.

Запрашан за коментар на изјавите на претседателот на партијата Христијан Мицкоски дека доколку ги изгуби изборите ќе си поднесе оставка, тој рече дека прашањето се поставува на погрешна адреса.

„Ниту мој став, ниту на било кој член на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак на нашата партија е дека Христијан Мицкоски ги изгуби овие изборите. Христијан Мицкоски победи во однос на освоените мандати како политичка партија. Знаеме дека СДСМ беше во коалиција со Беса и ако направиме анализа и ако ги споредиме мандатите кои што ВМРО-ДПМНЕ ги освои од едната страна како политичка партија, и од другата страна коалицијата Беса и СДСМ ќе видиме дека единствен губитник кој што беше казнет од македонските народ и граѓаните на Република Македонија на овие избори е токму Зоран Заев. Јас сметам дека е време во СДСМ да започнат со процес на реформи внатре во партијата, да си побараат оставка од Зоран Заев и да ги расчистат, би рекол транзициските остатоци во нивниот партиски врв. Нас не следуваат убави моменти за Република Македонија, ќе ни треба здравје Боже и стабилна опозиција, а стабилна опозиција со Зоран Заев не гледаме дека може да има, таму треба сериозни промени и токму прашањето кое што вие го поставивте би рекол дека треба да биде сериозно адресирано до Бихаќка“, вели Ѓорѓиевски.