ВМРО-ДПМНЕ: Наредната година Владата ќе ја зголеми цената на струјата, сметките ќе се зголемат за најмалку 20 отсто

Владата на СДСМ во наредната година ќе ја зголеми цената на струјата, затоа што со либерализација на пазарот на електрична енергија која планира да ја воведе , сметките на граѓаните за електрична енергија ќе се зголемат, за најмалку 20 отсто, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев кој претходно во четвртокот објави дека се воведува по два часа дневно ткн „евтина струја“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е многу повеќе од спектакуларно најавеното воведување на двочасовна ефтина тарифа, која повторно ќе ја платат граѓаните, но на друг начин.

„СДС и Заев сега го промовираат овој популистички потег, единствено за да ги изманипулираат граѓаните и да добијат некој глас повеќе на локалните избори. Толкав ќе биде ефектот. Толку ги интересираат граѓаните. Лагите им се со краток рок. Исто како изјавите на Заев дека немало да има казни за Законот за јазици или дека имало 500.000 фантоми. Исто како што најавуваа поголеми пензии и плати, а платите паѓаат и се укинува покачувањето на пензиите“, стои во реакцијата.

Граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да се свесни дека многу брзо по локалните избори, ги очекуваат повисоки сметки за електрична енергија.

„Либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе биде нов голем удар по Буџетот на граѓаните. Удар од кој ќе имаат корист само лоби групите блиски на СДС кои поседуваат енергетски компании кои се занимаваат со трговија на електична енергија“, се наведува во партиската реакција.