Чадот од Фабриките за афери најмногу го загадува воздухот на СДСМ, се вели во ракцијата упатена од страна ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека народот одамна ги има прочитано лагите и манипулациите на СДСМ и дека е свесен дека СДСМ тотално го игнорираше деценискиот проблем со квалитет на воздухот, не преземајќи ништо, бидејќи, како што велат е позната како партија со нула проекти.
Стравот и паниката на СДСМ од изборите и уплавот од соочувањето со судот на народот се видливи за секој граѓанин на Македонија.
СДСМ знае дека паѓа во бездната на поразот, а го нема Чаушот да им фабрикува афери кои ќе им служат како алиби, па со редуциран стручен кадар за манипулирање се обидуваат самите да смислат нова лага.
Ваквите лаги и манипулации на СДСМ се одамна прочитани од народот.
Народот знае дека СДСМ тотално го игнорираше деценискиот проблем со квалитетот на воздухот и одби воопшто да го мери загадувањето. Ако го мереше СДСМ ќе мораше да преземе нешто, меѓутоа СДСМ е позната како партијата со нула проекти.
Не само што министрите за животна средина во владите на СДСМ никогаш со прст не мрднале за било што во врска со квалитетот на воздухот, туку денес СДСМ се обидува со лаги да ги игнорира преземените мерки од страна на ВМРО-ДПМНЕ и се подигрува со оваа сериозна тема и со здравјето на граѓаните.
За разлика од безработниците од СДСМ, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано и посветено работи на оваа проблематика, без оглед на тоа како ќе дувне ветерот на Бихаќка. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано истражува, анализира и презема конкретни мерки.
Меѓу последните конкретни мерки, Министерството за животна средина во соработка со владите на Финска и Австрија постави филтри на повеќе локации во Тетово и Скопје кои ќе стојат до крајот на февруари, по што ќе бидат испратени на хемиска анализа во овие земји.
Врз база на хемиски анализи во врвни лаборатории ќе се добијат најновите податоци за тоа кои се индикаторите на загадувањето на воздухот, со што ќе нема шпекулации околу загадувачите.
Претходно, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им препорача на сите правни субјекти во Градот Скопје и Општината Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), до 4 јануари.
Владата на Република Македонија во усвоените заклучоци на крајот на минатата година им препорача на Градот Скопје и oпштината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.
Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до Министерот за животна средина и просторно планирање и до Министерот за здравство.
Владата им препорача на Градот Скопје и другите општини, преку овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. Притоа, во рамки на контролите на територија на Градот Скопје и Општината Тетово, се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.
Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ги даде следните препораки до граѓаните:
- Граѓаните почесто да го користат јавниот превоз
- Граѓаните да не ги користат возилата без поголема потреба
- Граѓаните да ја рационализираат употребата на автомобили што подразбира, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време
- Да се почитуваат законските одредби во поглед на тоа да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.
Истовремено, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.
Владата на Република Македонија ја следи реализацијата на донесените заклучоци на крајот на минатата година и состојбата поврзана со загаденоста на воздухот.
Претходно, владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.
Оваа Влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски направи проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри кои веќе се во фаза на реализација. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.
Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици. Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките. Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација.
Нема тепих под кој може да се сокријат аферите на СДСМ, фалсификатите на Чауш, Заев и Спасовски, срамот кој СДСМ го нанесува на Македонија. Нема тепих под кој може да се сокрие и уплавот од изборите кои ќе се случат на 24 април.
За 84 дена доаѓа 10-тата јубилејна пресуда од народот на адреса на СДСМ, стои во реакцијата на владејачката партија.