Зоран Заев секој ден, без престан спроведува политика со која ги обезличува Македонците. Заев континуирано и нанесува штета на Македонија и нејзината меѓународна репутација. Не прекинува антидржавната политика со која се распродаваат, газат и уништуваат националните интереси на Македонија, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Најголема потврда за непочитување на своите граѓани, газење на државата е фактот што Заев со детали за референдумот првин ја информираше грчката јавност. Заев призна дека се грижи за грчките интереси, а со договорот од Нивици се бетонираат истите. Премиерот манипулира и со формулацијата на референдумското прашање. Заев ја поистоветува интеграцијата во НАТО и Европската унија со поддршка за катастрофалниот и штетен договор со кој се брише македонскиот народ, македонскиот идентитет, се брише Македонија, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто Заев воопшто не ја ословува Македонија со уставното име. Се срами ли да го каже името на нашата држава?
Се срами ли јавно да го каже името Република Македонија? Заев со јавните настапи само го потврдува тоа што го кажуваат грчките политичари, дека не постои македонска нација, не постои македонски народ. Тој со ова јавно кажува дека ги штити грчките интереси, а не македонските. Заев се додворува на грчките националисти. Нема човек во Република Македонија кој не сфаќа колку е штетно ова за македонските граѓани. Но, Заев не сфаќа и продолжува со антимакедонската политика. Неспособноста на владата да ги спроведува реформите се компензира со продажба на името. На јавноста веќе и е јасно дека Заев нема чувство за припадност и оти со леснотија се откажа од Македонија. За да престанат штетните политики на Заев и Владата, оваа власта треба да замине! Македонија ќе победи, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.