ВМРО-ДПМНЕ: Нема затвор за Рашковски – Како Заев свири, така судовите и обвинителството играат

Одлуката да биде пуштен Драги Рашковски во домашен притвор е уште еден показател за заробениот правен систем од страна на Зоран Заев, реагира ВМРО-ДПМНЕ, откако денеска затворскиот притвор е заменет со куќен притвор за Драги Рашковски, осомничениот функционер на власта.

– Оваа одлука денес сама по себе е скандал, бидејќи покажува дека кога Заев те брани , тогаш криминалот се простува. Постои сериозна основа да се сомневаме дека Заев има вмешано прсти во ваквата одлука. Јавноста со право се сомнева и дека на овој начин може да се влијае врз сведоците и врз доказите, а со тоа и врз целиот судски процес. Очигледно, како Заев свири, така судовите и обвинителството играат. Да потсетиме дека пред недела дена Заев изјави дека Рашковски не ја злоупотребил функцијата во случајот со набавката на софтвер и дека не верува во обвинението против него и денес гледаме како на Рашковски му се дозволува да биде во домашен, а не ефективен притвор – вели опозициската партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ посебна приказна е висината на кауцијата од половина милион евра која Рашковски ја обезбедил, иако цел живот работи за плата, исто како што е сомнителен и целиот имот кој што успеал да го стекне. Но тоа што сите го гледаат, судството кај нас не го гледа.

– Ова е причина плус зашто мора да замине Заев од власт. 4 години власт на Заев се 4 изгубени години. Доста е! – порача ВМРО-ДПМНЕ.