ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата минатата седмица поднесе предлог-закон за докторска дејност и очекуваме овој закон да биде изгласан од страна на сите пратеници во Собранието, бидејќи станува збор за закон кој би ги опфатил сите доктори и доктори специјалисти, изјави во саботата на прес-конференција Марија Андоновска од оваа партија.
Андоновска појасни дека предлог-законот бил работен темелно изминатиот период, како од сегашните, така и од претходните пратеници доктори од минатиот состав, со што законот бил предвиден да биде донесен на крајот од минатиот мандат, но поради политичката состојба никогаш не дошол на дневен ред.
Потенцираше дека овој закон има дополнителна тежина, бидејќи е работен во консултација со Лекарската комора, Здружението на лекари и Синдикатот.
„Овој закон за докторска дејност предвидува плата на доктори специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари нето, додека пак општите доктори со законот е предвидено да земаат две и пол просечни плати односно 56.000 денари нето плата“, потсети претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновска оцени дека најголема придобивка од донесувањето на овој закон за докторска дејност е предвиденото вреднување на докторскиот труд, односно утврдување на висината на платата преку колективен договор, којашто би ја земале општите доктори и докторите специјалисти од примарно, секундарно и терцијално здравство.
„Со овој закон нудиме и системско решение со кое ќе се подобри квалитетот на здравствениот кадар, квалитетот на здравствените услуги за граѓаните и ќе се спречи одливот на здравствените мозоци во странство“, рече Андоновска
Со споменатиот предлог-закон, продолжи Андовноска, за што во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ќе го изгласаат сите пратеници од Собранието, најмногу ќе добие македонското здравство преку квалитетни услуги на докторите, а уште повеќе ќе добијат пациентите, бидејќи ќе се потенцира и надгради односот помеѓу докторите и пациентите.
„ВМРО-ДПМНЕ со овој предлог-закон не само што ќе го надгради здравствениот систем од кој најголем бенефит ќе имаат пациентите и докторите, туку и ќе се заокружи циклусот на инвестициите од страна на ВМРО-ДПМНЕ изминативе години кои изнесуваат стотици милиони евра“, заклучи Андоновска.
Порача дека сега на потег се пратениците на парламентарното мнозинство и на СДСМ и треба да покажат дали навистина водат грижа за докторите и пациентите, со тоа што ќе го поддржат овој закон, пред сѐ, бидејќи станува збор за позитивен импакт за докторите, но и заради сите оние ветувања кои СДСМ ги даде во предизборната кампања.