ВМРО-ДПМНЕ одлучува дали ќе ја поддржи независната кандидатура на Данела Арсовска за град Скопје

Извршниот и централниот одбор а најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одлучуваат дали партијата ќе ја поддржи кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.

Партијата во текот на денот ќе соопшти дали ќе ја поддржи Арсовска како кандидат за главниот град Скопје.

Инаку Арсовска штом одлучи да се кандидира како независен кандидат веднаш ги собра потребните потписи, а преку социјалните мрежи изрази и благодарност за поддршката.

Арсовска во петокот напиша дека е време за брзи и ефикасни решенија за нашиот град, бидејќи сите сакаме да живееме во убав град.

– За Скопје од нас, за наше Скопје.

Сега како официјален независен кандидат за градот Скопје би сакала да повторам зошто сум независен кандидат. Јас не сум член на политичка партија и ја барам поддршката од сите граѓани и партии да ме поддржат. Горда сум на скопјани, на нивната енергија и горда сум што сум нивен кандидат. Секоја поддршка е добредојдена.

Само добар менаџер може да го спаси Скопје од сивилото. Доста ни е од приказни дека требаат години да се смени сегашната стагнација на градот. Потребни се луѓе кои се енергични, со искуство и со јасна визија каде оди градот. Доста е од големи неисполнети ветувања, секој проект се завршува навреме ако е реален и издржан. Затоа повторувам, за две години можни се проекти и тие ќе бидат остварени. Секој што работел со мене знае дека во секој проект давам 100% од својата енергија за да успее.

Влегувам во оваа трка за градоначалник со чисто срце и јасна визија.
Уште еднаш, Ви благодарам за денешната поддршка и одиме на победа! – порача Арсовска.