Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат во Собранието. Тоа е една од одлуките кои проширениот ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја донел на синоќешниот состанок, потврдуваат повеќе функционери на партијата. Неофицијално, дел од членовите на ИК биле за партијата да го напушти Собранието, но аргументите на останатите биле дека, ако ВМРО-ДПМНЕ излезе од Собранието, остава „бришан простор“ на власта преку ноќ да ги донесе сите закони, за кои се смета дека се штетни за граѓаните и државата, меѓу кои е и Законот за ЈО.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачуваат дека: „ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата. Државата не смее да биде заложник на личните интереси на поединци на власта како и стравот од одговорност на оние кои се огрешиле пред законот. 12 април е денот кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Заев“, пишува во партиското соопштение.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред состанокот на ИК изјави дека тој лично не гледа логика пратениците да останат во Собранието, но дека одлуките ќе се носат на состанокот на ИК.