![vmro-dpmne](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/01/vmro-dpmne.jpg?resize=640%2C339&ssl=1)
-ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, посочениот инцидент не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на митингот, велат од партијата, по реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија за синоќешниот инцидент на митингот врз новинарската екипа на ТВ24.
-Слободата на медиумите и обезбедување на простор за вистинско и точно информирање се врвот на една демократија, но и показател за степенот на демократскиот амбиент во државата.
Тоа особено важи во време на избори, кога од работата на медиумите се оценува и процесот на избори. ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, со физичко или вербално спречување или заплашување на новинарски екипи.
Посочениот инцидент не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на илјадниот митинг.
Жалиме за навредите кон новинарската екипа на ТВ 24 Вести и го осудуваме однесувањето на поединецот којшто упатил навреди. Истовремено, укажуваме и на атмосферата во која власта, СДС и Ковачевски започнаа хајка против медиуми, и оттука и на можноста за уфрлени провокатори за предизвикување на инцидент на првиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ со импозантна посетеност.
ВМРО-ДПМНЕ останува на линија на одбрана на професионалните медиумски стандарди и во заштита на медиумските работници во интерес на вистината, на јавноста и во интерес на напредувањето на Македонија, додаваат од партијата.