Откако цените отидоа плафон, Бектеши носи мерки, а решението е само владата да ги намали даноците и акцизите, се вели во партиската реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ упатена кон министерот за економија Крешник Бектеши.
„Крешник Бектеши денес се фали со замрзнување на маржата на производите за исхрана, а не кажува дека со тоа ќе затвори голем број пекари, малопродажни објекти и ќе влијае лошо на целата економија. Власта не се откажува од акцизата за да има повеќе да краде. Наместо замрзнување на цените, потребно е намалување на даноците и акцизата за горивата. Само со 50% намалување на акцизата на горивата и ДДВ од 18 на 5% цените на горивата ќе бидат за 25 денари пониски, а со тоа ќе заштедат граѓаните, производството ќе биде поевтино, транспортот исто така. Импликациите врз буџетот ќе бидат околу 50 милиони евра помалку за една година, и тоа во прв план, но импликациите врз економијата ќе бидат неколкукратно поголеми, бидејќи и самото производство ќе биде поконкурентно. Од друга страна со 0% ДДВ за продуктите за исхрана и други продукти кои се важни во криза ќе се спаси стандардот на граѓаните и ќе се спречи бран на сиромаштија“, истакнаа од опозициската партија.
Власта не размислува за народот и економијата, туку многу кусогледо гледа само за себе. Тоа гледање само од аспект на полнење на буџетот ќе ја чини државата и народот премногу. Затоа премногу е од оваа власт, протест за промени на 18 јуни во 20 часот пред влада, додаваат од таму.