ВМРО-ДПМНЕ: Откако СДСМ дојде на власт рапидно растат долговите на Македонија

Владата на СДСМ лажејќи го народот ја задолжува државата со енормни суми и за помалку од два месеца антиреформската влада на СДСМ успеа државата да ја задолжи за 70-ина милиони евра, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од неделата.

Се посочува дека владата предводена до социјалдемократите секој ден од свото владеење досега ги задолжува граѓаните за нови 1,7 милиони евра

„Згора на тоа, оваа антиреформската влада со ребалансот на Буџетот предвидува зголемување на долгот за 150 милиони евра, а тоа е повеќе од планираното“, се истакнува во реакцијата.

Се посочува, исто така, дека министерот за финасии Драган Тевдовски и премиерот Зоран Заев сакајќи да ја оправдаат својата лага дека владата на ВМРО-ДПМНЕ оставила наводен скриен долг од милијарда евра, на прес-конференции ги префрлаат долговите на единици на локални самоуправи, локални јавни претпријатија.

„Скандалот да биде уште поголем тие во оваа манипулација искористиле и обврски кои сѐ уште не се доспеани за наплата“, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека станува збор за „сериозно целосно фијаско“ на СДСМ и Тевдовски.

„Поради сево ова во министерството за финансии владее хаос, пред сѐ, поради неспособноста и дезориентираноста на министерот за финансии, Драган Тевдовски. Што претставува дополнителна опасност по целокупната држава. Тевдовски, за жал, само во неколку дена успеа да создаде долг од над 4,5 милијарди денари само по основ на аукции на државни записи“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.