ВМРО-ДПМНЕ поднесе два амандмани за законот за студентските оброци

Пратеникот Бојан Стојановски изјави дека предложените измени на законот за субвенционирање на студентски оброк не се во интерес на студентите и не нудат долгорочни решенија.

Денес на Комисијата за финансирање и буџет како единствена точка на дневен ред е спорниот Предлог закон за субвенциониран студентски оброк, поднесен од страна на владејачкото мнозинство.

 „Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пред почетокот на Комисијата, сакаме да ја информираме јавноста дека за овој Предлог-закон ќе поднесеме два клучни и суштински амандмани, преку кои уште еднаш ќе се обидеме да ја одвратиме власта од својата намера и да ја извадиме на површина нивната лажна грижа за студентите. Првиот амандман е за зголемување на средствата за студентски оброк од 120 денари, како што предлага мнозинството, на 160 денари, додека пак вториот е за продолжување на рокот до крајот на учебната година, наместо до март 2023 година, како што предлага мнозинството.

Јавноста и студентите мора да знаат дека овие наши предлози, колегите пратеници од мнозинството во изминативе денови, ги одбија. Но, еве уште една можност за власта да се вразуми и да ги прифати нашите амандмански интервенции на Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк.

Доста е од разно-разни лажни работни групи, средби, преговори, договори и преддоговори. Сега е време власта да покаже на дело дали за нив студентите се на врвот на приоритетната листа или пак се наоѓаат на самото дно заедно со останатите групи и категории на граѓани“ изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.

Предложениот закон за студентска дажба денеска ќе се расправа во Комисијата за финансирање и буџет, по скратена постапка.