Поднесен е Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, потпишан од сите пратенички групи. Во овој предлог закон измените предвидуваат две клучни работи, истакна на денешната изјава за медиумите, Антонијо Милошоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Првата е поместување на терминот за локалните избори за втората половина на октомври, што значи дека локалните избори би се одржале на 24 или на 31 октомври оваа година и втората измена е што се овозможува ефикасна употреба и реализација на законската обврска за употреба на уреди за отисок на прст при гласање, што и овозможува на ДИК да биде на ефикасен начин поврзана со дата базата на МВР, истакна тој.
Милошоски смета дека овие предложени измени ќе ја зголемат довербата во изборниот процес особено во едно за жал, поларизирано општество како што е нашето.
„Втората работа што сакам да ја споменам е дека очекуваме во текот на денешната владина седница да се реализира и она што беше договорена на вчерашната лидерска средба, а тоа е Владата, договорот за одложување на пописот во месец септември да го преточи во предлог за измени и дополнување на Законот за попис на населението и истиот во најкус можен рок да го достави до македонското собрание за да може согласно договорот да биде изгласан пред започнувањето на пописот“, додаде Милошоски.
Претходно во понеделникот по средбата во Клубот на пратеници меѓу премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев, и челникот на опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше објавено дека било договорено да се охрабрат работните групи коишто во рамките на парламентот преговараа за останатите измени во Изборниот законик. Меѓу другото, станува збор за измената на изборниот модел, една изборна единица, или доколку има други предлози, понатаму отворени листи за советници на следните локални избори, понатаму избор за градоначалник во прв круг со тоа што би бил задоволен определен процент од вкупниот број запишани избирачи во таа општина каде што се бира тој градоначалник, гласањето на дијаспората на следните парламентарни избори надвор од дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП-та-, односно онаму каде што дозволуваат законите да се формираат избирачки места надвор од ДКП-та и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.