Власта воведува полициски час и ограничува движење а за само дваесеттина дена ќе пушти илјадници попишувачи да одат по домовите на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата истакнуваат дека премиерот Зоран Заев не го интересира ниту здравјето, ниту животот на луѓето.
„Заев го интересира само политичка полза, а во оваа смисла остварување на политичкиот договор. Организирање попис во услови на разгорена пандемија ќе резултира со илјадници нови заразени и стотина мртви“, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија, исто така, предупредуваат и дека лицата кои ќе го спроведуваат пописот на населението директно на теренот без имунизација претставуваат голема закана по здравјето на граѓаните.
„Заев пушта невакцинирани попишувачи и со тоа се заканува да го направи најголемиот корона кластер досега. Попис среде пандемија е сигурен начин како цела држава да заболи од корона. Несовесно и срамно е што Заев продолжува со намерите за организирање попис, не само покрај аргументите на стручната јавност и граѓаните, туку и по откажувањата на пописите во Бугарија, Србија, Хрватска, Ирска, Германија и други држави“, се наведува во соопштението на партијата.
Се додава дека сиве овие држави имаат вакцинирано голем дел од населението, но сепак не сакаат никого да ставаат во животно загрозувачка состојба.
„Зоран Заев и Венко Филипче ќе одговараат за штетите коишто ги нанесуваат врз јавното здравје и животот на граѓаните“, порачуваат на крајот од ВМРО-ДПМНЕ.