ВМРО-ДПМНЕ: Поради неказнивоста на Палевски и пропустите во истрагата, Спасовски и власта имаат одговорност за двојната трагедија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и власта на СДСМ и ДУИ замижувајќи пред поведението на Љупчо Палевски, создадоа монструозен лик кој се товари за две свирепи убиства, на 74-годишниот велешанец Панче Жежоски и 14-тодишната Вања Ѓорчевска од Скопје, и овие две убиства ќе им тежат на совеста на Спасовски и власта од повеќе причини, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Затоа што дозволија Палевски да сее омраза, да навредува, да се заканува и да клевети преку своите поткасти и гостувања на интернет порталот и за сето тоа да помине несанкциониран, ниту пак било кој од порталот или институциите да го опомене. Тоа го охрабри да почне да рекетира и да уценува, па дури и да убива. Власта на Ковачевски и Спасовски сето тоа го одмолча, мислејќи дека така и создава опозиција на опозицијата. Друго, затоа што Палевски и неговата екипа кои сега се обвинети за монструозните убиства, пред 7 месеци биле откриени како копаат артефакти во Демир Капија и како со себе имале нелегално оружје. Доколку биле казнети тогаш, немаше да дојде до убиствата кои се случија сега“, се наведува во соопштението.

Од опозициската партија додаваат дека миснитерот Спасовски и актуелната власт треба на јавноста да ѝ ги дадат одговорите зошто не се преземени сите мерки во истрагата по исчезнувањето на велешанецот Жежовски и неговото возило, со кое потоа е изврпено грабнувањето на девојчето во Скопје, иако било пријавено до полицијата.

„Зошто возилото не било лоцирано во Скопје со системот Сејф Сити пред или веднаш после исчезнувањето на девојчето? Од МВР со денови молчат и не кажуваат дали е точно дека возилото било три дена во Скопје пред да се случи грабнувањето на девојчето, а истото возило било претходно пријавено како исчезнато заедно со сопственикот Панче Жежовски? Молкот на Спасовски и власта покажува дека оваа трагедија се случи заради неказнивоста кон Палевски поради неговата заштита која ја уживал во партиски и полициски структури на СДС, поради тоа што после толку сеење на омраза и создавање на токсична атмосфера се почуствувал охрабрен да стори вакво дело и поради тоа што постојат серија пропусти во истрагата уште после пријавувањето на исчезнувањето на првото лице, велешанецот Панче и неговиот автомобил“, се вели во партиското сопштение.