ВМРО-ДПМНЕ: Позициите на Бугарија водат кон асимилација на македонскиот народ

„Додека Ковачевски и Османи се кријат и бегаат да одговорат за преговорите со Бугарија со Собранието и пред граѓаните, повторно македонската јавност дознава детали за преговорите од Бугарија и Петков. Иста надворешна политика по урнекот на Зоран Заев“, реагира со соопштение ВМРО-ДПМНЕ.
Додава дека:„Ветото од страна на Бугарија, и покрај сите порази кои ги доживеавме, нема да биде кренато, туку како што вели Петков, поместено, додека не се прифатат сите барања од Софија. Со овие позиции, Бугарија сака ние да бидеме асимилирани и целосно да ги прифатиме сите нивни барања кои се вклучени во Резолуцијата изгласана во 2019-та година изгласана од бугарскиот парламент.
Доколку владата на Ковачевски стави потпис на документ во кои ќе бидат вклучени сите барања на Софија, можеби ќе се случи првата меѓувладина конференција, но никогаш нема да започнат преговорите на Македонија со ЕУ, додека ние како граѓани не се асимилираме и како Бугари влеземе во рамките на ЕУ.
Молкот на Ковачевски за провокацијата на Бугарија со отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола е само еден сегмент од политиката на свиткана кичма во надворешната политика.
Затоа ја повикуваме владата да внимава што прифаќа во преговорите со Бугарија, воедно и да се охрабрат и излезат пред македонското Собрание и на граѓаните да соопштат што точно опфаќаат работите кои ги соопштува Петков.
Потребно е национално единство и консензус во врска со македонските црвени линии во однос на преговорите со Бугарија“, стои во партиското соопштение.