СДСМ покажа дека брани и застапува двојни аршини, изјавата на нивниот пратеник во којашто се призанва дека членската книшка на СДС е втора лична карта во државата претствува еклатантен пример за партизација, самоволие и непочитување на државата, истакна во вторникот на прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС е партија во која лидерот Заев се заканува дека ќе брка од чистачка до министер, а пратеникот им вели дека втора лична карта во државата е партиската членска книшка. СДС им порача на граѓаните дека ако сакаат да се вработат, да земат социјална помош, да им се пружи помош од доктор, да извадат имотен лист, или да се запишат на факултет, права кои инаку се загарантирани со уставот и законите, мора задолжително да имаат членска книшка од СДС“, рече Костовски.
Нагласи дека досега од СДСМ ниту ја осудија, ниту ја негирале оваа изјава.
„Реакцијата на Заев беше анемична, половична, амнестирачка и недоволна за големината на ваквото скандалозно признание. Ова е голем скандал со кој практично СДС на граѓаните им вика дека партијата всушност е државата. Ова преставува уцена на два милиона граѓани“, рече Костовски.
Затоа јавноста, додаде Костовски, бара и очекува реакција од СДСМ кон нивниот пратеник кој им посочи на граѓаните дека за да може да опстојат во оваа држава мора да имаат членска книшка од СДСМ.
„Како прв чекор СДС мора да покаже одговорност и веднаш да го исклучи Дудуш од пратеничката група, но и од СДС, во спротивно ќе сметаме дека целосно се согласуваат и подржуваат со ваквиот негов став. Тие дополнително јавно и недвосмислено и безусловно треба да ги осудат овие негови изјави“, рече Костовски.