ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на денешната прес-конференција на СДСМ во Битола оценува дека опозицијата продолжува со сценариото за дестабилизација со кое им наштетува на интересите на Македонија и на граѓаните.
– Денес своите лепени, прелепувани и креирани материјали ги објавуваа во Битола, градот кој најмногу патеше во времињата на СДСМ. Токму во Битола, СДСМ ги демонстрираше своите погубни политики кога во аферата со штедилницата ТАТ беа украдени 60 милиони евра пари на околу 13.000 граѓани, градот го оставија во бесперспективност, а министрите во тренерки на СДСМ ги префрлаа парите со црни кеси во своите дебели банкарски сметки. СДСМ во Битола им ги ограби парите на старите девизни штедачи и затвори десетици фирми и фабрики од кои повеќе од 10.000 битолчани останаа без свое работно место, се вели во реакцијата.
Партијата истакнува дека граѓаните повеќе не веруваат во сценаријата на СДСМ и јасно кажуваат дека не ја поддржуваат нивната деструктивна политика.
– Им порачуваме дека граѓаните се мудри и можат да го прочитаат нивното сценарио. Тие не се плашат од заканите на Заев, од обидите да се дестабилизира државата и целосно ја прочитаа намерата на Заев и СДСМ со монтирани материјали да се манипулира јавноста, наведува ВМРО во реакцијата.