Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како во целиот овој изминат перид, така и во последните сто дена особено посветено работи во правец на зајакнување на капацитетите на македонсото земјоделие, како и на стандардот на земјоделците во државата. Оттука продолживме со силната поддршка преку субвенционирањето каде само за идната година предвидовме над 140 милиони евра, истакна Ванчо Костадиновски на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека заврши аплицирањето за субвенции, при што се поднесени 74.000 барања, а дел од нив веќе се исплатени. Земјоделците, ги добиваат субвенциите по „Календарот за субвенции“ каде што однапред се дефинирани роковите за исплата. Точно е определена динамиката на аплицирање и на исплатата на субвенциите која е усогласена со потребите на земјоделците. Според овој календар досега се исплатени тутунарите, а на ред доаѓаат производителите на полједелски култури.
Во тек е потпишувањето на 612 договори со земјоделци кои преку оваа програма ја обновија својата механизација и опрема. Практично сите што поднесоа барања и што ги исполнуваа условите, половина од трошоците ќе им ги плати Владата, односно министерството за земјоделство.
„Започнаа и реформата за подобрено управување во водостопанството. Владата формира работна група за анализа и подготовка на акти за формирање на „Акционерско друштво во државна сопственост – Водостопанство на Република Македонија“. По јавната расправа која веќе се реализира на терен со земјоделците-водокорисници и водостопанствата до крајот на октомври очекуваме предлог-законот за АД Водостопанство на Република Макеодонија да биде поднесен до Владата. Во соработка со земјоделците,експертите и институциите се дефинира и планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура во периодот 2015 – 2025 година. Во наредните десет години ќе се вложат 200 милиони евра со што ќе се наводнуваат нови 25.000 хектари со современи системи за наводнување. Привршува изградбата на системот за наводнување на Маркова река – Куклиш со кој се опфаќаат нови 400 хектари земјоделско земјиште. Се работи и на изградба на пристапен пат до браната Речани на Оризарска река и акумулација со која ќе се реши проблемот во водоснабдување на општините Виница, Кочани и Чешиново – Облешево и ќе се овоможи наводнување на 1.500 хектари нови површини земјоделско земјиште“, посочи Костадиновски.
За искористување на потенцијалите за развој на ловството, објавен е Јавен оглас за доделување на концесија на дивечот во ловиштата, за прв пат преку електронско наддавање за 39 ловишта на цела територија на Република Македонија.
„Во првите 100 дена успешно се реализираше и дел од предвидената национална промоција на македонското вино, овошје и зеленчук на странските пазари. За оваа година вкупно се планирани 12 промотивни настани на најважните светски пазари за што од буџетот на државата се издвоени 450.000 илјади евра“, истакна Костадиновси.