По правило пакет мерките кои ги предлага власта на СДСМ во време на криза или се задоцнети или се промашени или се обичен маркетиншки трик. И овој пакет мерки кој сега го преставуваат не ги решава суштинските проблеми на граѓаните и на стопанството, туку се само купување на мир за неколку месеци, реагира во неделата од опозицската ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, за нов владин пакет мерки за поддршка, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека „вистината е дека реалната вредност на поддршката на владата не е 360 милиони евра, туку само 30 милиони евра“.
За споредба го даваат примерот на Хрватска која во својот пакет есенски мерки предвиде реална поддршка од над 2,8 милијарди евра.
„Како резултат на лошите економски политики на власта Македонија има убедливо најниско ниво на раст на БДП и според прогнозите ќе ја завршиме годината единствено подобро од Русија и украина. Тоа е поразително“, оценува опизицијата.
Нагласуваат дека истовремено македонските компании плаќаат најскапа цена за електрична енергија во регионот, а граѓаните се соочуваат со една од највисоките стапки на инфлација во Европа, што значи дека стандардот тоне а економијата замира.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ понуди пакет од пет конкретни мерки кои власта треба да ги земе предвид, кога веќе самите не знаат да направат ништо.
- Предлагаме вишоците на произведена струја кои што ги произведува поранешно ЕЛЕМ, во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за поранешна АД ЕЛЕМ.
- Дополнително, секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на регулираниот пазар на електрична енергија, половина од разликата да ја преземе државата.
- За граѓаните да се предвиди Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, за да можат да се снабдат граѓаните по пониска цена за да се заштити стандардот на граѓаните.
- Одложување на скалестото оданочување кое го планира власта бидејќи тоа ќе удри на стандардот на граѓаните, а ќе влијае и врз финансиската ликвидност на компаниите.
- Исто така предлагаме да се дестерилизираат на благајничките записи во Народната банка, што би значело средства на располагање на стопанството со што ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите, а работните места ќе бидат сочувани .
СДС и Ковачевски покажаа целосна неспосбност и затоа ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија нуди решенија за поддршка на работните места, поддршка на стопанството и поддршка на стандардот на граѓаните. Власта е на потег.