ВМРО-ДПМНЕ: Розови интервјуа на Филипче, а дозволи хронично болните да се вратат на работа

ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција по повод интервјуто на Венко Филипче дадено за Локално.мк. Според нив, „министерот за зараза и смрт додека пандемијата коси во Македонија, продолжува со серија на свои розеви интервјуа“.

„Граѓаните умираат, Македонија рекордер во регионот по смртни случаи кои се искачија над 600-тини, а тој раскажува бајки во кој тој и самиот не верува. Бројката на новозаболени секој ден е троцифрена никако да падне, а министерот за зараза и смрт оди по стапките на својот ментор Заев и дава лажни ветувања. Филипче дозволи хронично болните лица да се вратат на работа, освен за оние лица кои имаат извештај од специјалист за егзацербација на болеста“, велат од опозициската партија.

За ВМРО-ДПМНЕ, со ваквата предлог одлука се кршат основните човекови права и истата е на линија на геноцид преку спречување на правото на здравствена заштита и животот.

„Во период кога собранието одлучува за онлајн собраниските седници со цел заштита на здравјето и животот на пратениците кога сите услови за заштита на животот и здравјето на пратениците се обезбедени во Собранието, актуелната власт го врти грбот на работниците и ги става во подредена ситуација, ги враќа хроничните болни на работните места во услови кога е крајно сомнително дали раководните лица на институциите и организациите ги имаат обезбедено сите услови за заштита на здравјето и животот на вработените од корона вирусот! Македонија поради неспособноста на министерот за зараза и смрт стана рекордер по смртноста од Ковид – 19. Поради него земјава е на врвот на најнеуспешни земји кои се справуваат со пандемијата. Филипче преставува елементарна непогода за македонскиот здравствен систем“, стои во реакцијата.