Од владејачката партија реагираат на обвинувањата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Од ВМРO-ДПМНЕ се прашуваат која е причината поради која СДСМ не одговори зошто Зоран Заев излажал за вредноста на имотот кој што го поседува тој лично или неговото семејство.
Но, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не одговори и дали е криминал тоа што Зоран Заев во Општина Струмица им доделувал јавни набавки на својот татко, на својот чичко, на својот брат, на својата стрина, на своите братучеди и нивните бизнис партнери.
СДСМ не одговори зошто нивниот претседател Зоран Заев, едни суми ги кажува во своите јавни настапи, а други суми излегуваат како документи во јавноста.
СДСМ не одговори за уште десетици други прашања кои што директно се поврзуваат со скандалозни тендери, матни зделки и сомнителни трансакции со народни пари кои што спроведувал нивниот претседател Зоран Заев.
„Ниту еднаш Зоран Заев и СДСМ не излегоа во јавноста да дадат конкретен одговор на овие прашања. Тоа говори дека тие се фатени во овие сомнителни и матни зделки и затоа се обидуваат со невистини и манипулации да го отргнат вниманието на јавноста од нивните големи скандали“, се наведува во реакцијата на партијата.
Според нив, ова говори дека во СДСМ не чуствуваат одговорност и потреба на граѓаните да им објаснат како е возможно нивниот Претседател да доделувал милионски суми од јавни набавки на свои блиски роднини и како возможно нивниот Претседател да ја сокрива својата и имотната состојба на своето семејство.