Владата на СДСM си поигрува и ги потценува граѓаните наместо да работи на исполнување на ветувањата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС ветуваше раст на економијата од 5 до 7% на годишно ниво, но владата на Зоран Заев сега смета дека може да оствари раст од само 2,2% или 0,8% процентни поени помалку од растот што го проектираше ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се цели 25% помалку. За да се оствари растот треба работа, визија и знаење, а не блокади, укинувања и најави за уривање“, стои во соопштението.
СДСМ, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ, најавуваше зголемување на капиталните инвестиции, а сега владата на Зоран Заев со предложениот ребаланс истите ги скрати за 3 милијарди денари. Тоа се цели 50 милиони евра помалку за капитални инвестиции од проекциите кои ги имаше владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со ова се потврдува дека владата на СДС не е реформска, туку антиреформска. За овие месец дена единствено што и успева на владата на Зоран Заев е полнење на државните институции со членови на СДС и некомпетентни и неискусни кадри на Сорос. СДС и Заев единствено што знаат и умеат е деструкција, криза и евтин политички популизам од кои нема полза ниту државата“, ниту граѓаните.
СДСМ, се додава во партиското соопштение, треба да се фатат за работа, бидејќи граѓаните очекуваат исполнување на ветувањата за минимална плата од 16.000 денари и просечна од 30.000 денари. Пензионерите очекуваат повисоки пензии, а докторите плати од 100.000 денари.