Фондот кој го ветува СДС, наведува ВМРО-ДПМНЕ, е уште една голема лага, како што беше вработување по еден човек од секое семејство.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Тевдовски и СДСМ нудат парцијални решенија, што, укажуваат, ќе ја вратат економската катастрофа која секогаш се појавува од погрешните политики на СДС.
– Каде беше Тевдовски и СДС кога во време на нивното владеење невработеноста достигна рекордни 39 проценти? Каде беше Тевдовски и СДС кога просечната плата не беше повисока од 12 илјади денари, а поголемиот дел од работниците земаа по 5-6 илјади денари плата, која им беше исплаќана со задоцнување? Каде беше Тевдовски и СДС кога бегаа од гласање закон за минимална плата, иако ја ветуваа пред избори? Каде беше Тевдовски и СДС кога се затворија 684 фабрики, а 200 илјади работници останаа на улица?, прашува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Граѓаните, истакнува ВМРО-ДПМНЕ, многу добро знаат кој и колку направил за работниците, во секој сектор, кој ја покачил платата и стандардот, кој има зад себе конкретни дела, а кој лажни ветувања. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ужива најголема поддршка од граѓаните и затоа ВМРО-ДПМНЕ има 11 изборни победи по ред, се вели во реакцијата.