Дали конечно отворивте агенција за недвижности која ќе се занимава со целиот недвижен имот со кој располагате? Ова е едно од прашањата што владејачката ВМРО – ДПМНЕ денес преку писмено соопштение ги упати до Радмила Шекеринска, поврзани со информациите за нејзината јахта.
Во продолжение проследете го интегралниот текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ.
После цела година платен одмор од Собранието (односно од граѓаните) и после вака убаво поминат луксузен одмор под грчко знаме, Вие госпоѓо Шеќеринска би организирале дебата со наслов како си го поминав летниот распуст. Г-ѓо Шеќеринска чувствуваме обврска да Ве потсетиме дека одморот заврши, а работата која сте заборавиле да ја работите не е третооделенска.
ВМРО-ДПМНЕ се надоврзува на Вас г-ѓо Шеќеринска во протестот кон сите оние кои се дрзнале да го реметат Вашиот мир, барајќи од Вас информација за непријавениот имот, а кој се до сега секогаш чесно и транспарентно сте го пријавувале.
Чесно си ги пријавивте петте стана, чесно си пријавивте 10.000 евра месечна кирија, чесно си го пријавивте луксузниот џип кој Вие го користите, а се води во сопственост на Дајнерс. Чесно си ја пријавивте луксузната вила во Маврово. Вие имате историјат на чесно и транспарентно пријавување на имот. И тоа имот за кој имате покритие и доказ за потекло. Тоа што медиумите мораа прво да Ве потсетат, тоа е заради нивниот недостаток од почит спрема еден транспарентен политичар како Вас.
Дополнително, кој може да се сомнева во потеклото на вашиот имот, кога Вие во вашиот живот ниту сте биле во раководство на СДСМ, ниту сте биле Потпретседател на Владата на Република Македонија и не сте учествувале во ниту една приватизација. Она што Ви пуштаат гласини и муабети дека сте учествувале во приватизацијата на ЕСМ, дека сте му биле десна рака на Бранко Црвенковски и сте биле замешани во уште многу други такви работи, тоа никогаш не се случило. Вие сте нов и свеж, а пред се чесен лик на политичката сцена во Македонија.
Но, кога веќе сакате да се занимавате со прашања, еве ние ќе Ви поставиме неколку прашања, а при тоа нема воопшто да Ве прашаме за скапите и брендирани чизми и чанти и за деталите на договорите со Дајнерс преку кои легално добивате баснословни суми на илјадници евра секој месец.
- Кога планирате да го тргнете грчкото знаме и да го поставите македонското знаме на својата јахта?
- Како може јахтата да ја крстите со име на својата ќерка, да не ја пријавите како сопствен имот и да мислите дека нема да Ве фатат? Од каде ви толкаво потценување спрема интелегенцијата на граѓаните?
- Дали на одмор бевте со службениот џип кој е сопственост на фирмата Дајнерс и дали плативте за користење на џипот од сопствениот џеб или за тоа се потрошија пари од фирмата во која работи Вашиот сопруг?
- Каква услуга Ви должи фирмата Дајнерс за да Ви плаќа илјадници евра за кирии во станови и куќи во кои Вие живеете? Дали тоа е исто како што беше кога бевте Потпретседател на Владата и сите во Вашиот сектор мораа да примаат плата преку Дајнерс?
- Дали конечно отворивте агенција за недвижности која ќе се занимава со целиот недвижен имот со кој располагате?
- Дали на луксузниот одмор поведовте и некој од Вашите членови кои ги оставивте на 40 степени да се борат за слобода и демократија додека Вие уживавте на Вашата јахта?
За почеток е доволно. А за Вас има уште многу што да се прашува.