ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов во нервоза поради поразот и патетичност започна да измислува и самопоканува во емисии кои никогаш не биле предвидени за дебата

Скопскиот градоначалник на заминување Петре Шилегов во својата нервоза поради изборниот пораз на локалните избори одржани на 17-ти октомври и својата патетичностм започна да измислува и се самопоканува во емисии кои никогаш не биле предвидени за дебата, реагираа во петокот од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија истакнуваат дека емисијата во којашто во четвртокот попладнето Шилегов учествуваше се вика „Само интервју“ и тоа покажува дека не станува збор за дебата, како што е претставена.

„Ја разбираме желбата и матрицата на Шилегов да има дебата во која тој ќе ги навредува своите соговорници, бидејќи тој ниту еднаш не се огради ниту се извини поради сексистичките напади на перјаниците на СДСМ кон Данела Арсовска, но за нас многу поважно што ја разбираме потребата на скопјани да се говори за проекти и решенија на нивните проблеми“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека за партијата и кандидатката Арсовска којашто ја поддржаа „единствено граѓаните“ на Скопје им се важни, а дека Шилегов „може да продолжи да се дави во својата ароганција и самобендисаност“.