ВМРО ДПМНЕ: Слободата на медиуми е загрозена; СДСМ: Се враќаат медиумските слободи

„Зоран Заев е во паника бидејќи знае дека на следните парламентарни избори губи и започна да гони медиуми и врши притисоци врз новинари кои објавуваат сомненија за корупција на власта. Вчера во полиција беа повикани двајца новинари, а еден медиум заврши со емитување на програма затоа што Заев, негови функционери, СЈО и сопственикот на медиумот рекетирале милиони евра“, се вели во соопшението на ВМРО ДПМНЕ. Се додава дека, слободата на медиумите во Македонија е загрозена, слобода на говор нема, а со ваквото нецивилизирано однесување на власта се загрозува и европската иднина на државата.

„ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт ќе започне ера на слободно изразување, а тоа многу бргу ќе се случи кога Зоран Заев ќе си замине од политичката сцена“, соопштуваат од партијата.

Од СДСМ одговорија на обвинувањата на опозицијата.

„Притисоците врз медиумите и новинарите беа одлика на 11 годишното криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога се апсеа и притвораа новинари, кога се затвораа медиуми и се газеа новинарските права и слободи. Затоа денес, кога се враќаат медиумските и новинарски слободи, ВМРО-ДПМНЕ нема миминум кредибилитет да зборува за состојбата во медиумите. Лагите, дезинформациите и измислените случаи што се шират од белиот дворец речиси секојдневно се и институционално демантирани од офцијални, државни институции.

Граѓаните одамна ја препознаваат ВМРО-ДПМНЕ како главен извор на лажни вести, затоа само на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски им пречи борбата против дезинформациите, лагите и измислиците кои се против интересите на демократијата, граѓаните и државата“, соопштија од СДСм.