ВМРО-ДПМНЕ смета дека аферата „Броило“ наликува на злосторнички здружување

Јавното обвинителство треба да отвори случај и да го испита целиот соларен картел на премиерот Димитар Ковачевски, тежок 26 милиони евра, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Јавното обвинителство треба да ги земе предвид следните факти. Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов заедно ја основаат фирмата Пиксел груп која е во центарот на соларниот картел и аферата Броило. Оваа компанија е основана само 5 месеци откако СДС доаѓа на власт во 2017 година. Од 2019 до 2021 година оваа компанија добива над половина милион евра државна помош, при што половина од времето Ковачевски е на функција. Најголемата сума на државна помош, од над 200 илјади евра фирмата добива ден откако Ковачевски е избран за мандатар. Дополнително, КМГ ЕОЛ Квазар, фирма основана од ортакот и кумот на Ковачевски зема скоро 2 милиони евра државни тендери.

Тендерите се за поставување на фотоволтаични панели кои ги произведува Пиксел груп, основана од Ковачевски. Додека Ковачевски е заменик министер за финансии, фирмата на кумот склучува договор за испорака и монтирање на фотоволтаични панели во вредност од над 2 милиони евра. И на крајот, 4 месеци откако Ковачевски станува премиер, фирмата која тој ја основал се заортачува со бугарска компанија и заедно градат фабрика во ТИРЗ Тетово во вредност од 54 милиони евра. Патем во овие зони важат повластици,а според информациите во јавноста и ќе конкурираат за државна помош.

Ова наликува на злосторничко здружување по сите нишани. Износите се милионски, лице основач и близок до фирмата е на високи државни позиции, има можност да тргува со влијание, кумот ги води бизнисите, а броилото врти ли врти во време на криза кога останатите едвај врзуваат крај со крај, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Јавното обвинителство треба да ги земе сите овие факти во предвид и да не чека, туку веднаш да ги испита и да утврди кој и како работи за личните и бизнис интереси, наместо за државните, додаваат од таму.