Зоран Заев со денешната прес конференција покажа дека вистината е една и единствена, и дека од неа, дури и со сечени, прилепувани и монтирани материјали, какви што тој употребува, не може да се избега, велат од владејачката ВМРО – ДПМНЕ, а по повод денешната прес конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Денес е совршено јасно која е функцијата на неговиот вовед и наратив, кој е подолг од разговорите кои ги емитуваше и е исклучително манипулативен и погрешен. Дури е непријатно колку може човек да се спушти ниско во своите лаги. По дадениот наратив Заев веднаш се демантира од своите креирани материјали кој ги објавува“, се вели во соопштението.
Од владејачката партија велат дека Зоран Заев со денешната прес конференција на оваа тема покажа дека нема никакво чувство за државност, ниту осет за националните и стратешки интереси.
„Со денешната прес конференција практично ја олесни позицијата на Република Грција и ги откри преговарачките тактики на Република Македонија. Денес е повеќе од јасно дека Заев е обичен инструмент за дестабилизација и дека спроведува однапред напишано сценарио, спротивно на државните интереси. Доколку се слушнат само креираните разговори, дури така монтирани и сечени како што ги употребува Заев, се заклучува следново:
- Јасно се потврди дека референдумското изјаснување за предлог кој би бил прифатлив е единственото решение за името за кое се залага и работи ВМРО-ДПМНЕ.
- Стана кристално јасно дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ бара гаранција за идентитот и дека е чувар на индентитетското прашање.
- Заев директно ги разоткри преговарачките тактики, и нанесе непоправлива штета, што е пример каков не постои во ниту една друга држава, така бесчувствително и безобзирно да се загрозат државните интереси. Со денешната позиција Заев покажа дека е политичар каков Грција само би можела да посака.
- Со денешната прес конференција Заев потврди дека не сме ги лажеле граѓаните и меѓународната заедница, туку континуирано и искрено сме барале решенија како Македонија да стане член на НАТО и ЕУ.
- Најдобар доказ и потврда за тоа кој за што работел е времето кое е зад нас, а кое покажува- денес, после 9 години, името и идентитетот не се променети, а за жал во време на СДСМ беше сменето името, знамето и Уставот“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
Нагласуваат дека денешната прес конференција е само жална потврда за нарачателите на ова сценарио и улогата на инстументот Заев кој има задача да го спроведе.