Институциите се создадени за да служат на сите подеднакво и да одлучуваат врз претходно определени принципи за работа. Не смее да има двојни аршини кога се работи за луѓе блиски на власта или на тие што ја критикуваат. Не смее за пратеници од листата на владеачката партија да бидат повлечени обвинувањата за уништување на државен имот, а во притвор да се држат патриоти чиј единствен грев е што си ја сакаат својата татковина, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Мерката притвор се злоупотребува како казна за тие што се спротиставуваат на деструктивната и расипничка влада на СДСМ. Со тоа се прави обид да се замолчат сите кои не се согласуваат или и стојат на патот на недемократската власт.
Судиите мора да покажат интегритет и не смеат да потпаѓаат под притисок на политички моќници кои кога тогаш ќе бидат симнати од власт.
Судот и сите останати институции мора да работат исклучиво во интерес на граѓаните и согласно законот. По промената на власта сите пресуди и одлуки може да биат преиспитани.
Македонија е единствената земја во Европа во која патриоти во монтиран случај се обвинети за тероризам само затоа што гласно го кажале својот став, кој е спротивен на власта.
Во изминатите 8 месеци се прекршија сите принципи на владеењето на правото и дeмократијата. Недозволиво е во земја аспирант за влез во ЕУ и НАТО да има политички затвореници кои сеуште немаат фер услови за докажување на вистината“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.