Граѓаните веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ, како и досега, ќе ги исполни своите предизборни ветувања дадени кон нив. Мал дел од анкетираните веруваат во ветувањата на СДСМ, покажуваат резултатите од третиот дел на анкетата спроведена во периодот помеѓу 29-ти август и 1 септември од страна на Институтот „Павел Шатев“ на 1.250 испитаници.
Третиот дел од анкетата на Институтот „Павел Шатев“ покажува дека партијата чиј лидер е Никола Груевски се уште ужива најголема доверба кај народот.
На прашањето „На која партија и верувате повеќе дека ќе ги исполни своите предизборни ветувања кон граѓаните“, 36,4 проценти одговориле дека тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ. Само 16,7 проценти дале одговор СДСМ.
„Помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која партија сметате дека може да обезбеди повисок економски раст и отворање на нови работни места“ е второто прашање од третиот дел на анкетата. Дури 53,5 проценти од анкетираните граѓани истакнале дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Следејќи ги политиките на СДСМ, граѓаните истакнуваат дека немаат доверба дека СДСМ ќе отвори нови работни места. Само 20,4 проценти на ова прашање одговориле дека веруваат во партијата на Зоран Заев.
Истражувањето е спроведено на ниво на Република Македонија. Опфатени се сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така беше направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина.