ВМРО-ДПМНЕ: Судот не смее да одлучува под притисоци!

Барањата за притвор од страна на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се груб политички обид за притисок врз Aпелациониот суд со цел истиот да не ги поништи одлуките за одземање на патните исправи донесени во првостепена постапка, изјави денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Одлуките за одземање на патните исправи на дел од раководството на партијата се донесени под притисок. Тоа јасно се гледа по образложенијата, каде нема ниту еден аргумент за одземањето. Токму и првичното барање за притвор е одбиено бидејќи не постои опасност од бегство, односно судот увидел дека се апсурдни, неосновани и политички сомневањата на СЈО, изјави Ѓорѓиевски.

Барањата за мерките на претпазливост и обезбедување присуство од страна на СЈО во однос на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ѓорѓиевски, се без никаква правна основа, крајно неаргументирани и целосно политички мотивирани. Тие имаат за цел создавање материјал за медиумите на СДС кои треба да го претстават ВМРО-ДПМНЕ во негативно светло кај граѓаните во пресрет на претстојните локални избори.

-Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една причина за бегство, бидејќи нема сторено ниту едно кривично дело. Обвинувањата насочени кон луѓе од партијата се целосно политички мотивирани. Тие се чист политички прогон со цел власта порелаксирано да се пазари со македонските државни и национални интереси, промена на името на државата, јазикот, нацијата и историјата.

Функционерите од партијата ниту се дале во бегство, ниту ќе се дадат. Доколку некој сакал тоа да го стори имал безброј шанси тоа да го направи.

-Судот мора да работи исклучиво согласно закон и никако поинаку. Судот не смее да одлучува врз база на сугестии и притисоци, туку исклучиво врз база на докази. Политички конструираните обвиненија и предмети на СЈО се преседан за една демократска држава, каде се практикува принципот на владеење на правото и се срам за целата правна фела и државата воопшто, рече Ѓорѓиевски.