Министерот за здравство Арбен Таравари наместо да се занимава со демагогија и да пласира гнили тези, подобро е нешто да сработи, зашто мина речиси еден месец откако е министер а тој зборува само демагогии, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на министерот за здравство, Арбен Таравари за неделникот Фокус.
„Ако беше работата за филозоф министер, веројатно Ферид Мухиќ ќе беше подобар. Конкретно за неговиот став дека лекарите заминувале бидејќи здравството во Македонија било партизирано, сакаме да го прашаме Таравари дали може да објасни зошто лекарите од Словенија, Хрватска, Полска, Чешка, Бугарија, Унгарија и другите, исто и од неевропски земји, масовно заминуваат во западна Европа, а во прв ред во Германија и Швајцарија. И второ прашање, дали може да ни објасни зошто лекарите од Германија, Франција, Италија и други западноевроспки земји масовно заминуваат во САД?“, се вели во реакцијата.
Оттаму, од ВМРО-ДПМНЕ го прашуваат Таравари дали во цела Европа е партизирано здравството. Но судејќи според неговите изјави покажува дека како министер е „изгубен во просторот и времето“.
„Што ќе одговори за една година откако тој е министер кога ќе му приложиме колку лекари заминале и кога ќе види дека со демагогија и бистрење политика не се решаваат проблемите на лекарите и здравството“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.