ВМРО-ДПМНЕ: Ветувањата за економски раст од Заев се исти како ветувањата за отворање на Фејсбук и Гугл, а Македонија е на економско дно потопена во корупција

Македонија со премиерот Зоран Заев тоне по сите меѓународни економски параметри. Државата е во економска рецесија, нема реализација на капитални инвестиции, нема нови странски инвестиции, а згора на тоа и оние кои што беа тука и беа носител на економијата сега си заминуваат. Наместо раст, Македонија со Зоран Заев тоне во корупција и во криминал. Во такви услови, економски раст е невозможен. Зоран Заев докажано е неспособен ниту да планира, ниту да реализира економски раст на Македонија, реагира во недела во соопштение опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Потсестуваат дека СДСМ и Заев дојдоа на власт со ветување за економски раст од 5 отсто годишно, но и дека растот во земјата и во годините пред пандемијата не мина граница од 2,5 проценти.

„Годината кога започна пандемијата и кога сите се подготвуваа за економски потреси, тој ветуваше блескања, за потоа државата да ја втурне во рецесија со стотици илјади загубени работни места. Буџетскиот дефицит само во месец декември изнесува 225 милиони евра, што е повеќе од буџетскиот дефицит во целата 2019 година, кој што изнесуваше 222 милиони евра“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата го критикува премиерот Заев дека ниту знае да планира, ниту знае да реализира тоа што го испланирал.

„Просечните капитални расходи во 2020 година по месец изнесуваат по 16 милиони евра, додека само во месец декември има скок од 84 милиони евра!? Тоа е незамисливо. Ваков економски колапс може да се случи само доколку или не испланирал како што треба или пак цела година им ги чувал парите на бизнисмените, па им ги исплатил одеднаш во декември? И тоа во година на епидемија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа се истакнува дека тоа се случува откако кон средината на октомври минатата  2020 година Владата планираше ребаланс на Буџетот, но и оти тоа ја покажало нејзијата неспособност.

Од ВМРО-ДПМНЕ, имено, појаснуваат дека со споменатиот ребаланс беше предвидено дека вкупните приходи во четвртиот квартал во 2020 година, односно во октомври ноември и декември, ќе биде поголем за 6,5 проценти од истиот период претходната 2019 година.

„И ова планирање од средината на октомври, со започнат четврти квартал, го утна и го заврши со минус 5,2 проценти пад во однос на истиот квартал 2019 година. Сите проекции на СДСМ се лоши и не содветствуваат со реалноста. Ветувањата за раст и особено планирањето на економски раст на Зоран Заев не се ништо подалеку од ветувањата за 5 процентен раст годишно и отворање на Фејсбук и Гугл во земјата, со коишто Македонија стигна на економско дно потопена во корупција“ зкалучуват од ВМРО-ДПМНЕ.