![bojmacaliuev orasci pasosi granica](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/bojmacaliuev-orasci-pasosi-granica.jpg?resize=696%2C465&ssl=1)
СДС уште еднаш ја докажаа својата неспособност. Помпезното пречекување на обрасци на граница од страна на Бојмацалиев, само уште еднаш ги потсети граѓаните на катастрофалното менаџирање со вакцините. Како и за вакцините тогаш, така и со пасошите сега, поради неспособноста на СДС граѓаните патат, реагираште во неделата опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо со фанфари да пречекуваат обрасци, Бојмацалиев како шеф на кабинет на Спасовски треба да им се извини на граѓаните за тоа што ги оставија без пасоши, за тоа што немаа никаков план како да ја водат целата операција, за тоа што со анекси намалувале нарачки од 400.000 на неколку десетина илјади“, се вели во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека функционерите на владејачката СДСМ, донедамнешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на неговиот кабинет а сега заменик технички министер Митко Бојмацалиев кон крајот на 2023 ги убедуваа граѓаните дека ќе може да си извадат лични и патни документи навремено согласно рокот кој тие како власт го наметнаа 14 февруари 2024.
Опозициската партија истакнува дека во тој момент кога ги давале овие изјави знаеле дека има над 100.000 фотографирани луѓе со обработени податоци, ама нема обрасци за печатење документи, нешто коешто тие го предизвикале. Граѓани фотографирани во ноември не можеле со месеци да добијат исправа, ни во редовна, ни во експресна постапка, што е целосно спротивно на роковите за издавање. Со тоа тие ги ставија над 600.000 граѓани на Македонија во „државен притвор“.
„Сега има едно решение, кое СДСМ ако има доблест треба да го направи. Да гласа за измена на законот со цел продолжување важноста на пасошите и со тоа да се ублажи проблемот кои самите го предизвикаа. Граѓаните знаат дека како сега со ДУИ и СДС на власт, никогаш не било полошо. Затоа важно е да ги поразиме“, повикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.