ВМРО-ДПМНЕ: Власта пред бегање сака да наполни куфери со 9 милијарди денари

Власта во заминување на СДС и ДУИ во последен момент преку два тендери од 9 милијарди денари во РЕК Битола, сака да ги наполни куферите и да бега, ова денеска преку соопштение до медиумите го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Криминалната власт преку инкриминираните функционери сака да потпише годишен договор за набавка на увозен јаглен во вредност од 5 милијарди и 950 милиони денари. Дополнително се турка уште еден договор за ископ во РЕК Битола во висина од 3 милијарди денари, кој се мести за фирма сопственост на конзул на држава по санкции од ЕУ. СДС и ДУИ по ист систем како што испумпаа стотици милиони од РЕК Битола изминативе 6 ипол години сакаат да го доограбат народот. ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите функционери во РЕК Битола и ЕСМ да не подлегнуваат на притисоците на врвот на СДС и ДУИ, зошто секое делче од оваа набавка ќе биде истражено веднаш по преземањето на власта и одговорност ќе има“, велат од партијата.

Од таму додаваат дека народот со право вели дека немаме држава, кога власта ја разграбува секоја институција или претпријатие.

„Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.