ВМРО-ДПМНЕ: Водата во Дојранското Езеро е комплетно исправна за капење, СДСМ креира неоснован страв

Водата во Дојранското Езеро е комплетно исправна за капење и не предизвикува опасност по здравјето на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ:

Мерењата покажуваат дека во водата во Дојранско Езеро воопшто не се присутни бактерии кои би можеле да предизвикаат било какви штетни ефекти врз здравјето на луѓето.

Министерот за здравство денеска јасно и прецизно го потенцираше овој факт кој е во согласност со постојните стандарди и директиви на Европската унија за квалитет на површинските води, како и стручните мислења од врвни експерти во областа.

Изјавата на министерот за здравство дека водата во Дојранското Езеро е безбедна за капење, се базира исклучиво на добиените анализи од примероците на вода, директивите на Европската Унија за квалитет на површински води, како и стручните мислења на експертите во оваа област.

СДСМ и понатаму може да продолжи со своите познати и проѕирни тактики на креирање неоснован страв и паника кај населението. СДСМ единствено по тоа е и познат.

За разлика од СДСМ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со години наназад презема мерки за ревитализација на Дојранското Езеро, зголемување на водостојот, поставување на колекторски систем, урбано уредување на плажите и околината, како и одржување на добри санитарно хигиенски услови на истите. Проекти и мерки кои за времето на владеење на СДСМ биле научна фантастика.

Врвен приоритет на Министерството за здравство е заштита на здравјето на населението во Република Македонија и во било кој случај доколку постои и најмала опасност по здравјето на граѓаните, Министерството за здравство веднаш ги презема сите неопходни и превентивни мерки.

СДСМ, кој комплетно заборави дека Дојран постои се додека благодарение на посветената работа на ВМРО-ДПМНЕ повторно не се најде на туристичката мапа на Република Македонија, треба јавноста да ја потсети во каква руинирана состојба го остави Дојранското Езеро и целиот Дојрански регион.

Ако СДСМ не сака да се потсети на сопственото неработење, тоа ќе го стори народот, веќе на наредните избори.