Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секој ден излегуваат сѐ повеќе информации дека поради пропусти на МВР на Спасовски не бил спречен трагичниот настан со грабнувањето и двојното убиство за кое се осомничени Палевски и неговата група.
Последните информации, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ а за кои додаваат дека надлежните институции не ги демантираат, говорат дека возилото на Панче Жежовски кое било уредно пријавено после неговото исчезнување пет дена пред убиството на малата Вања, се движело без проблем во Скопје.
-Доколку МВР распишало централна објава по возилото, тоа ќе било најдено веднаш штом ќе се регистрира од страна на системот Сејф Сити, а убијците на Панче ќе биле фатени, односно убиството на Вања можеби и немало да се случи. Возилото со кое е киднапирана Вања и со кое е пренесена до местото на ликвидација, од Велес во Скопје влегува на 24 ноември, што значи дека во тие три дена морало да биде откриено, сопрено и легитимирано од страна на полицијата. Единствена шанса ова возило да не биде забележано во најголемиот безбедносен степен кој владееше во Скопје, е доколку истото не било внесено во системот за централна објава.
Индициите говорат дека постоеле низа на пропусти во истрагата пред и после настаните. Фактите говорат дека Палевски и неговата група пред 7 месеци биле откриени како диво копаат артефакти и поседувале нелегано оружје и за истото не биле санкционирани. Доколку власта и Спасовски не замижуваа пред поведението на Палевски и ако ја работеа работата до оваа трагедија немаше да дојде, се вели во соопштението на партијата
Спасовски нека не се крие, нека излезе и нека ги даде одговорите за вистинските прашања. Тоа им го должи и на жртвите и на македонската јавност.