5.8 C
Skopje
среда, ноември 27, 2024

ВМРО-ДПМНЕ за 1.300 км нови патишта на СДС: За Кичево-Охрид се фалат со снимка од Скопје-Тетово, за обиколницата кај Куманово се фалат со надвозник

Само во имагинарниот свет на Ковачевски и СДС постојат изградени 1.300 километри нови патишта, додека реалноста е сосема поинаква, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДС и Ковачевски мислат дека граѓаните не возат низ Македонија и не знаат какви по какви и кои патишта се вози, па затоа свесно лажат со измислени изградени патишта. СДС и Ковачевски толку се одлепени од реалноста што без тронка срам, за изграден го претставија автопатот Кичево-Охрид, а да биде лагата поголема на видеото на кое се пофалија прикажан е автопатот Скопје-Тетово, изграден многу одамна.

Од друга страна реалноста е дека за сите овие години откако се СДС на власт вклучително и откако Ковачевски е премиер, автопатот Кичево-Охрид тапка во место и се уште не е целосно пробиена трасата од Кичево до село Извор, ниту се доградени вијадуктите. Но, затоа само додаваат анекси и црпат милиони. Не знаеме во кој виртуелен свет е Ковачевски го изградил автопатот, ама во овој реалниот кој го живеат македонските граѓани, сигурно не.

Но, тука не запираат лагите, па така Ковачевски се пофали дека изградена е обиколницата во Куманово. Вистината е дека такво нешто не постои, а тоа што го прикажале е реконструираниот надвозник во село Проевце, дел од регионалниот пат Свети Николе – клучка во населба Карпош.

Воедно СДС и Ковачевски не знаат колку се 1.300 километри па водејќи се по изреката „ако се лаже, нека се лаже“ си ставиле произволна бројка која нив им изгледала убаво.

Да имаа изградено 1.300 километри нови патишта, низ цела Македонија граѓаните ќе возеа по нови патишта, а не по руинирани патишта полни со дупки.Но, сепак ова е продолжение на истата влада која две години не можеше да пушти направен автопат Миладиновци-Штип, а со трубачи славеше отворање на делницата Демир Капија-Смоквица која исто така тие не ја изградија.

СДС и Ковачевски освен што се криминални и неспособни, се и патолошки лажговци. Затоа единствен спас се предвремени парламентарни избори за да дојде влада која навистина ќе ги изгради патиштата, а нема да лаже како СДС дека изградила неизградени, стои во соопштението.